Велосипед
From Wikipedia, the free encyclopedia
Велосипед (во секојдневниот говор и точак или бицикл) — возило придвижувано од човек со помош на педали. Велосипедот има две тркала прикачени на рамка, едно зад друго. Човекот кој го вози велосипедот се нарекува велосипедист.
Велосипедите се појавиле во XIX век во Европа и до 2003 година се произведени повеќе од една милијарда, двапати повеќе отколку бројот на произведени автомобили.[2] Тие се едно од основните средства за превоз во многу области. Исто така се широко распространет облик на рекреација, прифатени се да се користат како детски играчки, за физичка активност, се користат во војска и полиција, курирски служби и велосипедски трки.
Основната форма на вообичаениот исправен велосипед, или безбеден велосипед, се има променето многу малку уште од првиот тип со преносна верига (преносен синџир) кој се појавил околу 1885 година.[3][4][5] Но, унапредени се многу ситници, особено со појавата на современите материјали и компјутерски потпомогнатото дизајнирање. На овој начин е овозможено да се распространат посебни изведби на велосипеди за различни видови намени на возење.
Појавата на велосипедот како пронајдок имала огромно влијание на општеството и од гледна точка на културата како и напредување на модерните индустриски методи. Неколку делови кои имаат одиграно клучна улога во развојот на автомобилот првично биле измислени за да се користат кај велосипедот, вклучувајќи ги кугличните лежишта, пневматските гуми, преносните верижни запченици и тркалата сплетени од затегнати жици.[6]