From Wikipedia, the free encyclopedia
Архитектура (на латински architectura, со потекло од грчкиот збор ἀρχιτέκτων – arkhitekton, односно, ἀρχι - “управител” и τέκτων – “градител, дрводелец, ѕидар”), може да ја претставува:
Поопширна дефиниција може да ги опфати сите проектирачки активности, од најниско ( урбанистички проект, пејзажна архитектура) до највисоко ниво (детали во врска со изградбата и мебел). Архитектурата е и процесот и производот од планирањето, проектирањето и изградбата на формата, просторот и амбиентот, кои се одраз на функционални, технички, социјални и естетски сфаќања. Таа бара креативна манипулација и координација на материјали, технологија, светло и сенка. Архитектурата, исто така, ги опфаќа прагматичните аспекти за реализирање на зградите и структурите, вклучувајќи распоред, пресметување на цена и управување со изградбата. Архитектурата ја дефинира структурата и/или држењето на една зграда или друг вид на систем, кој треба да биде или е веќе изграден.
Често, архитектонските дела се сметаат за културни и политички симболи,како и за уметнички дела. Историските цивилизации, често, се идентификуваат со нивните постоечки архитектонски достигнувања.
Понекогаш, архитектурата се однесува на активноста на проектирање на каков било систем . Овој термин често се користи во светот на информатичката технологија.
Главна статија: Архитект
Архитектите ја планираат, проектираат и надгледуваат изградбата на зградите и структурите кои ги користат луѓето. Архитектите, исто така, координира и интегрира градежен дизајн, чија примарна цел е креативна манипулација на материјали и форми, користејќи математички и научни принципи.
Главна статија: Теорија на архитектура
Најстарото пишано дело на тема архитектура е De architectura, на римскиот архитект Витрувиј, во почетокот на 1век од нашата ера. Според Витрувиј, една добра градба треба да ги задоволува трите принципи на firmitas, utilitas и venustas, кои би се превеле како:
Според Витрувиј, архитектот треба да се стреми да ги исполни овие три својства, колку што е можно повеќе. Леоне Батиста Алберти, кој во неговата студија De Re Aedificatoria разработува идеи на Витрувиј, ја гледа убавината првенствено како прашање на пропорција, иако, и декорот игра улога. За Алберти, законите за пропорција биле оние кои ја обликувале идеалната човечка фигура, златна средина. Затоа, најважниот аспект за убавина бил составен дел од предметот, а не нешто што само површно се применува; и се засновал на универзални, препознатливи вистини. Идејата за стилот во уметноста не била развиена сè до XVI век, со пишувањето на Вазари. До 18 век, студиите биле преведени на италијански, француски, шпански и англиски јазик.
Во почетокот на 19 век, Огастес Велби Пјуџин ја напишал “Контрасти” (1836), која, како што сугерира насловот, прави контраст на модерниот, индустријализиран свет кој го потценува, со идеализираната слика на нео-средовековен свет. Пјуџин сметал дека готската архитектура била единствената “вистинска христијанска форма на архитектура“.
Џон Раскин, англиски ликовен критичар од 19 век, во својата “Седум лампи на архитектурата” издадена во 1849 година, е многу поограничен во поглед на тоа што претставува архитектурата. Архитектурата претставувала “уметност која толку располага и ги краси објектите покренати од страна на човекот...што погледот на истите влијае на неговото ментално здравје, моќ и задоволство.”
За Раскин, естетиката е од најголемо значење. Неговата работа продолжува со тврдењето дека една градба не е вистинско дело на архитектурата, освен ако не е на некој начин “украсена”.
За разликата помеѓу идеалите на “архитектурата” и и само “изградба”, познатиот архитект на 20 век, Ле Корбизје, напишал: “Вработувате камен, дрво и бетон и со овие материјали градите куќи и палати: тоа е изградба. Генијалноста е во работата. Но одеднаш го допре моето срце, ми предизвикува задоволство. Среќен сум и велам: Ова е прекрасно. Тоа е архитектура”.
Луис Саливан, големиот архитект на облакодери од 19 век,го промовирал водечкото правило за архитектонското дизајнирање: “Формата ја следи функцијата”.
Додека идејата дека структурните и естетските елементи треба да бидат целосно предмет на функционалноста, стекнала популарност, но и скептицизам, таа го вовела и концептот на “функција” на местото на “корисност” на Витрувиј. “Функцијата” почнала да се смета за нешто што ги опфаќа сите критериуми за употреба, перцепција и уживање во една градба, не само практично, туку и естетски, психолошки и културно.
Нунзија Ронданини изјавил: ”Архитектурата оди преку естетската димензија и продолжува преку функционалните аспекти кои и се заеднички со другите човекови науки. Преку свој посебен начин на изразување на вредностите, архитектурата може да поттикне и да влијае на општествениот живот, не претпоставувајќи дека ќе придонесе за социјален развој”.
Ограничувањето на значењето на (архитектонски) формализам на уметност во полза на уметноста, не само што е реакционерно, туку , исто така, може да биде фатална потрага по совршенство или оригиналност кои ја ограничуваат формата само како средство.
Помеѓу филозофиите кои имаат влијание врз современите архитекти и нивните пристапи за проектирање се рационализмот, емпиризмот, структурализмот, постструктурализмот и феноменологијата.
Во доцниот 20 век, како додаток на структурата и функцијата бил воведен нов концепт, концептот на долготрајност. За да се задоволат современите обичаи, една градба треба да биде конструирана на начин кој е еколошки во однос на прозводство на нејзините материјали, нејзинотот влијание врз животната средина и на потребите кои ги задоволува од неодржливите извори на енергија за греење, ладење, вода, управување со отпад и осветлување.
Главна статија: Историја на архитектурата
Градењето најпрво се развило од динамиката помеѓу потребите (засолниште, безбедност, култ итн.) и средствата (достапни градежни материјали и придружни вештини). Со развојот на човечките култури и со официјализирањето на знаењето преку усна традиција и обичај, градењето станало занает, а “архитектура” биле нарекувани највисоко официјализираните и почитувани резултати од тој занает.
Надалеку е позната претпоставката дека успехот на архитектурата е резултат на еден процес на обиди и грешки, со постепено помалку обиди, а повеќе повторувања, како резултат на процесот кој се покажал како се позадоволувачки. Она што се нарекува народна архитектура, продолжува да се негува во многу делови на светот. Всушност, народните градби го сочинуваат најголемиот дел од градбите во светот во кои луѓето секојдневно уживаат. Раните човекови населби биле главно рурални. Како резултат на суфицидот во производството, економијата почнала да се шири, резултирајќи во урбанизација и на тој начин, создала урбани средини кои, во некои случаи, многу брзо се развиле. Такви се Çatal Höyük во Анадолија и Mohenjo Daro во денешен Пакистан.
Во многу антички цивилизации, како што се Египќаните и Месопотамците, архитектурата и урбанизмот ја одразувале постојаната посветеност кон божевството и натприродното, и многу древни култури пребегнале кон монументалност во архитектурата, поради смиболично претставување на политичката моќ на владетелот, владеачката елита или на самата држава.
Архитектурата и урбанизмот на класичните цивилизации, како што се грчката и римската, настанале како резултат на граѓански идеали, а не на религиозни или емпириски, со што се појавиле нови типови на градби. Се развиле стилови во архитектурата.
Уште од античко време биле пишувани текстови на тема архитектура. Овие текстови обезбедуваат како општи, така и конкретни совети и прописи. Примероци од некои прописи се пронајдени во списите кои датираат од 1 век п.н.е.на воениот инженер Витрувиј, на Као Гонг Ји во античка Кина, на Васту Шастра во античка Индија и на Мањусри Вести Видија Састра од Шри Ланка. Некои од најважните рани примероци за канонска архитектура се религиозни.
Архитектурата во различни делови на Азија, се развивала по друга линија, различна од таа во Европа; будистичката, хиндуистичката и сикиската архитектура, сите тие имаат различни одлики. Особено будистичката архитектура се одликува со регионална разновидност. Во многу азиски земји, пантеистичката религија довела до архитектонски форми, кои биле специјално дизајнирани за да го разубават природниот пејзаж.
Почетоците на исламската архитектура се во 7 век п.н.е., со спојување на архитектонски форми од Среден Исток и Византија, истовремено развивајќи одлики за да се прилагодат на религиозните и социјалните потреби на општеството. Примери можат да се видат насекаде низ Блискиот Исток, Северна Африка, Шпанија и Индискиот полуостров. Широката примена на посочената архитектура била за да се влијае на европската архитектура од средовековниот период.
Во Европа, како во античкиот, така и во средовековниот период, градбите не биле препишувани на одредени поединци и имињата на архитектите биле често непознати, и покрај големиот број на верски објекти кои датираат од тој период.
Во текот на средовековниот период, занаетчиите формирале здруженија (еснафи) за да си ја организираат трговијата, чии пишаните договори опстанале, особено оние поврзани со црковните објекти.Улогата на архитектот најчесто била онаа на висококвалификуван ѕидар, или, како што понекогаш се опишуваат во современите документи “Magister lathomorum”.
Со ренесансата и нејзиниот нагласок на поединецот и човештвото, наместо на религијата, и со целиот нејзин развој и достигнувања, започнало ново поглавје. Градбите биле припишувани на посебни архитекти – Брунелески, Алберти, Микеланџело, Паладио – и култот на поединецот започнал.
Сепак, не постоела јасна граница помеѓу уметник, архитект и инженер, или било кој друг од сродните струки и често, називот бил регионална привилегија. Во оваа фаза, сѐ уште било возможно за еден уметник да дизајнира мост, но структуралните пресметки биле во рамките на делокругот на генералистот.
Со новите знаења во научните области и со порастот на нови материјали и технологии, архитектурата и инженерството мочнале да се одделуваат, со што архитектот почнал да се концентрира на естетските и хуманистичките аспекти, често, на сметка на техничките аспекти на проектирањето. Исто така, тука бил и подемот на т.н. “благороднички архитекти”, кои вообичаено работеле со богати клиенти и претежно се концентрирале на визуелните аспекти кои, обично, потекнувале од историски прототипови, по пример на куќите во Велика Британија, кои биле во Нео-готски или Шкотски баронски стилови. Во 19 век, обучувањето во областа на архитектурата, кај École des Beaux-Arts во Франција, на пример, ставало поголем акцент на создавање убави цртежи, а помал на контекстот и остварливоста. Успешните архитекти биле обучувани во просториите на други архитекти, кои дипломирале кај чиновници.
Во меѓувреме, индустриската револуција ги отворила вратите на масовното производство и потрошувачка. Естетиката, како декоративен производ, станала критериум за средната класа, откако скапата уметност станала поевтина со машинското производство.
Народната архитектура сè повеќе станувала декоративна. Градежните работници можеле во својата работа да го користат тековниот архитектонски дизајн, преку комбинирање на одлики кои се наоѓале во книгите со примери и во архитектонските списанија.
Главна статија: Современа архитектура
Незадоволството од таквата општа состојба, на преминот од 20 век, бил создаден простор за нови правци, кои послужиле како претходници на современата архитектура. Меѓу нив, најзабележителен е “Deutscher Werkbund”, создаден во 1907 година, со цел производство на поквалитетни предмети од машинско производство. Подемот на професијата-индустриски дизајн започнува токму тука. Следејќи ги неговите стапки, училиштето “Bauhaus”, основано во Вајмар, Германија во 1919 година, ги редефинирала претходно поставените граници , посматрајќи го создавањето на градбата како синтеза –врвот- на уметност, занаетчиство и технологија.
Други архитекти, како Френк Лојд Рајт, развиле органска архитектура каде формата била дефинирана од својата средина и намена, со цел да промовира хармонија помеѓу човековата распространетост и природниот свет.
Кога за првпат била применета, современата архитектура претставувала авангардно движење со морални, филозофски и естетски одлики.Веднаш по Првата светска војна, современите архитекти се обиделе да развијат комплетно нов стил, соодветен на новиот поствоен социоекономски поредок, кој се фокусирал на задоволување на потребите на средната и работничката класа. Тие ја отфрлиле архитектонската пракса на академската префинетост на историските стилови, кои придонеле за брзо опаѓање на аристократскиот поредок. Пристапот на современите архитекти бил да се доведат градбите до чиста форма, отстранувајќи ги историските одлики и декорации како замена на функционалните детали. Градбите ги истакнувале своите функционални и структурни елементи, изложувајќи челични греди и бетонски површини наместо да ги крие истите позади декоративните форми.
Архитектите како Миес Ван Дер Рохе, Филип Џонсон и Марсел Брауер, работеле за да создадат убавина врз основа на квалитот на градежните материјали и современите градежни техники, заменувајќи ги традиционалните историски форми со поедноставени геометриски форми, користејќи ги новите средства и методи кои биле резултат од индустриската револуција, вклучувајќи челични конструкции кои создале услови за градење на првите облакодери. Кон средината на 20 век, модернизмот се преточил во меѓународен стил, што на многу начини е претставено преку кулите близначки во светскиот трговски центар во Њујорк.
Многу архитекти давеле опор на модернизмот, бидејќи го сметале за лишен од декоративното богатство на украсните стилови, а бидејќи основачите на тоа движење изгубиле влијание во доцните 70-ти години, постмодернизмот се развил како реакција на неговата строгост. Тврдењето на Роберт Вентури, дека “украсена барака” (вообичаена градба која е функционално дизајнирана однатре и украсена однадвор) била подобра од “патка” (несигурна градба во која целата форма и функција се взаемно поврзани), дава претстава за овој пристап.
Главна статија: Современа архитектура
Дел од архитектите и дел од оние кои не се, одговориле на модернизмот и постмодернизмот преку насочување кон коренот на проблемот. Тие сфатиле дека архитектурата не е лична филозофска или естетска работа на поедниците; туку дека мора да ги задоволува секојдневните потреби на луѓето и да користи технологии за создавање на средина пригодна за живеење.
Движењето за дизајнерска методологија, кое вклучувало луѓе како Кристофер Александар, почнало да бара дизајни кои биле насочени кон луѓето. Биле направени широки студии во областите како што се науките за однесувањето, еколошките и социјалните науки, со кои започнало информирањето во областа на процесот на проектирање. Со зголемувањето на комплексноста на градбите (во однос на структурните системи, услуги, енергија и технологија), архитектурата почнала да станува сè повеќе мулти-дисциплинарна. Денес, архитектурата бара тим од професионалци, кој вклучува архитект, кој, вообичаено, е раководител на тимот.
Последните две децении на 20 век, сè до почетокот на новиот милениум, сведочат за пораст на специјализација во проектанските области, технолошка експертиза или методи за реализирање на проектот. Покрај тоа, постоела поголема поделба помеѓу (а) “дизајн” архитект и (б) “проект” архитект. Пренасочувањето на вниманието од одржливоста на животната средина врз замислата, е значаен развој во архитектонската професија. Одржливоста во архитектурата за првпат била воведена во ’60-те години,од страна на архитекти како Сим Ван дер Рун, во ’70-те Ијан МекХарг во САД и Бренда и Роберт Вале во Велика Британија и Нов Зеланд. Се забележал забрзан раст на бројот на објекти кои ги исполнувале стандардите за заштита на животната околина. Практиките, кои биле во суштината на народната архитектура, биле инспирација за воведување на социјално и еколошко одржливи современи техники. Во тој контекст, системот за рангирање на Советот за еколошки градби на САД бил од голема помош. Пример за архитектонски иновативна, еколошка зграда е Движечката кула, која ќе биде придвижувана од турбини на ветер и сончеви плочи.
Главна статија: Архитектонски планови и Индекс на архитектонски статии
а. Дизајн архитект е оној кој е одговорен за дизајнот
б. Проект архитект е оној кој е одговорен за точна изработка на дизајнот и кој ги спроведува градежните договори.
Закосен текст
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.