From Wikipedia, the free encyclopedia
Џон Ернст Стајнбек (27 февруари 1902 – 20 декември 1968) — американски автор на дваесет и седум книги, вклучувајќи шеснаесет романи, шест документарни книги, и пет збирки на куси раскази. Познат е по хумористичните романи Рамна тортиља (1935) и Конзервиран ред (1945), како и по епскиот роман Источно од рајот (1952), и романите Глувци и луѓе (1937) и Црвениот пони (1937). Тој е добитник на Пулицеровата награда за романот Плодовите на гневот (1939),[2] кој се смета за негово ремек-дело, продадено во 14 милиони примероци.[3] Добитникот на Нобеловата награда за литература во 1962 година, е наречен „гигант на американските букви“.[4] Неговите се читани надвор од границите на Америка, а многу од неговите дела се сметаат за класика на западната литература.
Џон Стајнбек John Steinbeck | |
---|---|
Стајнбек во Шведска за време на неговото патување кога ја примил Нобеловата награда за литература во 1962 година. | |
Роден/а | Џон Ернст Стајнбек, Јуниор 27 февруари 1902 Салинас, Калифорнија, САД |
Починат/а | декември 20, 1968 66) Њујорк, САД | (возр.
Занимање | Ромасиер, писател на куси раскази, воен дописник |
Значајни дела | Глувци и луѓе (1937) Плодовите на гневот (1939) Источно од рајот (1952)[1] |
Значајни награди | Пулицерова награда за проза (1940) Нобелова награда за литература (1962) |
Потпис |
Најголемиот дел од делата на Стајнбек се одвиваат во јужна и средна Калифорнија, посебно во долината Салинас и по бреговите на Калифорнија. Неговите дела често ги обработуваат темите за судбината и неправдата, посебно во животот на угнетените и обичните луѓе.
Џон Ернст Стајнбек Јуниор е роден на 27 февруари 1902 година во Салинас, Калифорнија. Имал мешано потекло: германско, ирско и англиско.[5] Јохан Адолф Гросштајнбек, дедо од таткова страна, го скратил презимето во Стајнбек кога се преселил во САД. Семејните имоти во Германија, во областите Хејлигенхаус, Метман и Северна Рајна-Вестфалија и денеска го носат името „Großsteinbeck“.
Татко му, Џон Ернст Стајнбек, бил благајник во областа Монтереј. Мајка му, Олив Хамилтон, која била учителка, ја делела со синот страста за читање и пишување.[6] Семејството Стајнбек биле членови на американската Епископална црква,[7] а самиот Стајнбек подоцна станал агностик.[8] Стајнбек живеел во мало рурално гратче, не поголемо од приградска населба, но сместено на земја која била една од најплодните на светот.[9] Летата ги минувал работејќи на блиските фарми, а подоцна со доселените работници на фармите за шеќерна репа во Спрекелс. Овде се соочил со суровите аспекти на животот на доселениците, како и со темната страна на човечката природа. Од таму ги црпел темите за делата како што е романот Глувци и луѓе.[9] Исто така ја истражувал околината, шетал ни блиските шуми, полиња и фарми.[9] Додека работел за Шеќерната компанија во Спрекелс, понекогаш работел и во нивната лабораторија, што му оставало време за да пишува.[10] Исто така, тој имал и талент за поправка на разни предмети.[10]
Стајнбек завршил средно училиште во 1919 година во Салинас, а потоа студирал англиска литература на Универзитетот Станфорд во Пало Алто, но ги напуштил студиите во 1925 година, без да добие диплома. Отпатувал во Њујорк, каде заработувал за живот како работник и како новинар. Откако не успеал да го објави своето дело, се вратил во Калифорнија и во 1928 година работел како туристички водич и чувар[10] на езерото Тахо.[11] Таму ја запознал Керол Хенинг, неговата прва жена.[6][10][12] Се венчале во јануари 1930 година во Лос Анџелес, каде што тој планирал заедно со своите пријатели да заработува од производство на гипсани фигури.[10]
Откако останале без пари по шест месеци, Стајнбек и Керол се вратиле во Пасифик Гроув, во куќата на татко му, на полуостровот Монтереј. Родителите на Џон му дале да престојува во куќата бесплатно, му обезбедиле хартија за неговото пишување, и од 1928 година, позајмица која му овозможила да пишува без да мисли на работа и пари. Во текот на Големата депресија, Стајнбек купил мал чамец, и подоцна тврдел дека можел да живее од рибите и раковите кои ги ловел во морето, како и од свежиот зеленчук од неговата градина и околните фарми. Кога ова не му успеало, Стајнбек и неговата сопруга живееле од социјална помош, а понекогаш и краделе храна од околните продавници.[10] Храната ја делеле со своите пријатели.[10] Керол е инспирација за ликот Мери Талбот од неговиот роман Конзервиран ред.[10]
Во 1930 година, Стајнбек го сретнал Ед Рикетс, кој станал негов добар пријател и ментор во текот на следната декада, и го учел филозофија и биологија.[10] Рикетс, кој вообичаено бил тивок човек, со внатрешна самодоверба и енциклопедиско знаење на различни теми, станал фокус на вниманието на Стајнбек. Сопругата на Стајнбек работела во лабораторијата на Рикетс.[10] Ги спојувала љубовта кон музиката и уметноста.[10] Кога Стајнбек бил вознемирен, Рикетс свирел музика за да го релаксира.[10]
Последните децении од животот ги минал во Њујорк и во Саг Харбор со својата трета жена со која често патувал ширум светот. Во 1962 година ја добил Нобеловата награда, а умрел во 1968 година во Њујорк.[13]
Првиот роман на Стајнбек, Чаша злато (Cup of Gold), издаден во 1929 година, е делумно заснован на животот и смртта на гусарот Хенри Морган. Во романот се зборува за нападот и грабежот на градот Панама, кој е наречен 'Чаша злато', но и за жената, поубава од сонцето, за која се велело дека ја сретнал таму.[14] По Чаша злато, од 1930 до 1933 година, Стајнбек објавил три кратки дела. Небесни пасишта (Pastures of Heaven), објавена во 1932 година, содржи дванаесет поврзани приказни за долина близу Монтереј, која била откриена од Шпанците додека ги бркале избеганите индијански робови. Во 1933 година Стајнбек ја објави книгата Црвениот пони, во која на 100 страници се раскажани сеќавањата на неговото детство.[14] На непознатиот Бог (To a God Unknown), книга наречена по Ведската химна,[10] го раскажува животот на еден населеник и неговото семејство во Калифорнија, чиј лик е прикажан како пагански обожувач на земјата што ја обработува. Иако немал сè уште статус на познат писател, никогаш не се посомневал дека еден ден ќе успее.[10]
Стајнбек го постигнал првиот успех со делото Кварт на тортиљите (Tortilla Flat) од 1935 година, роман кој зборува за повоениот период на Монтереј, Калифорнија, и за кој добил медал клубот Комонвелт.[14] Ги опишува авантурите на група млади бездомници кои живееле во Монтереј после Првата светска војна, и непосредно пред американската прохибиција. Прикажани се како иронична споредба со митски витези кои се на задача и поради тоа ги отфрлаат сите обичаи на американското општество, и кои раскалашено се препуштиле на виното, страста, дружбите, и ситните кражби. Во 1962 година, кога му е доделена Нобеловата награда, Шведската Академија за ова дело навела: „непристојни и комични раскази за банда од асоцијални лица кои во нивните диви уживања се речиси карикатури на витезите од тркалезната маса на кралот Артур. Во САД, оваа книга била прифатена како противотров на тогашната депресија.[1] Според Рамна тортиља снимен е филм во 1942 година со истото име, во кој настапуваат Спенсер Трејси, Хеди Ламар и Џон Гарфилд. Со дел од хонорарот, тој си изградил куќа во Лос Гатос.[се бара извор]
Паралелно со работата на двата романа, Стајнбек пишувал и кратки раскази, кои биле објавени во книгата „Долгата долина“ (The Long Valley) од 1938 година.[11] Постојано експериментирајќи, Стајнбек често правел пресврти во своето творештво, а еден од нив се трите „калифорниски романи“ во кои се зборува за обичните луѓе за време на Големата депресија: Во сомнителна битка (In Dubious Battle) од 1936 година, Глувци и луѓе (Of Mice and Men) од 1937 година и Плодовите на гневот (The Grapes of Wrath) од 1939 година.[15]
Глувци и луѓе е драма за очекувањата на двајца доселеници кои биле земјоделци во Калифорнија. Критиката високо го оцени овој роман,[14] а при доделувањето на Нобеловата награда во 1962 година, наречен е „мало ремек-дело“.[1] Сценската изведба била хит, во која настапувале Валас Форд како Џорџ, и Бродерик Крафорд како другарот на Џорџ - Лени. Стајнбек одбил да присуствува на ниту една од изведбите кои се одржувале во Њујорк, а на режисерот му рекол дека само изведбата која ја има замислено во глава е совршена, и дека секоја друга изведба на сцена за него ќе биде разочарување. Стајнбек напишал уште две театарски дела: (Падната Месечина и Светлина што гори).
Според романот Глувци и луѓе снимен е филм во 1939 година.[16] Снимен е и втор филм во 1992 година, во кој игра Џон Малкович во улогата на Лени.
Стајнбек го продолжил успехот со Плодовите на гневот (1939), роман кој се заснова врз статија од весник за доселеници земјоделци. Најчесто овој роман се смета за негово најголемо постигнување. Според Њујорк Тајмс, ова е најпродаваната книга во 1939 година, а 430 000 примероци биле испечатени до февруари 1940 година. Во текот на тој месец, романот ја добил наградата за национална книга, за која гласале членовите на Американското здружение на книжари.[17] Во текот на истата година, романот ја добива и Пулицеровата награда за книжевно дело.[18] Според него е снимен филм во режија на Џон Форд, во кој главната улога ја играл Хенри Фонда. За оваа улога, тој е номиниран за најдобар глумец од страна на Академијата. Плодовите на гневот е контроверзно дело. Политичките погледи на Стајнбек, негативниот став кон капитализмот, како и симпатијата кон работниците, довеле до силна реакција против авторот.[19] Тврдејќи дека во книгата погрешно се претставени условите на живот во округот Керн, одборот на надгледувачи во август 1939 година ја забраниле книгата, и ја отстраниле од јавните библиотеки. Оваа забрана траела до јануари 1941 година.[20]
За овој настан Стајнбек напишал: „Клеветата што ми ја приредија големите земјопоседници и банкари, е многу лоша. Проширија и глас дека народот од Оклахома ме мрази и дека ми се заканиле дека ќе ме убијат. Јас сум исплашен од сето ова. Ова сосема излегува од контрола, мислам на хистеријата која расте околу овој роман, и која не е здрава.“
Во 1941 година, Стајнбек станал и сценарист, пишувајќи го сценариото за филмот „Заборавеното село“ (The Forgotten Village). Истата година го објавил делото „Кортесовото Море“ (Sea of Cortez) во кое се претставил како сериозен проучувач на морската биологија. Во текот на Втората светска војна ги напишал делата „Бомбите се фрлени“ (Bombs Away) и контроверзната новела-драма „Месечината зајде“ (The Moon is Down). По војната, тој објавил неколку дела: „Метеж во фабриката“ (Cannery Row) од 1945 година, „Заскитаниот автобус“ (The Wayward Bus) и „Бисер“ (The Pearl) од 1947 година, „Руски дневник“ (A Russian Journal) од 1948 година, „експерименталната драма „Огнена светлост“ (Burning Bright) од 1950 година и „Записи од Кортесовото Море“ (The Log from the Sea of Cortez) од 1951 година Една година подоцна се појавил големиот роман „Источно од рајот“ (East of Eden), амбициозна сага за долината Салинас и хроника на неговото семејство. Од неговите подоцнежни дела, позначајни се: „Сладок четврток“ (Sweet Thursday) од 1954 година, „Краткото владеење на Пипин Четврти“ (Short Reign of Pippin IV: A Fabrication) од 1957 година, „Си беше еднаш една војна“ (Once There Was a War) од 1958 година, „Зимата на нашето незадоволство“ (The Winter of Our Discontent) од 1961 година, „Патувањата со Чарли во потрага по Америка“ (Travels with Charley in Search of America) од 1962 година, „Америка и Американците“ (America and Americans) од 1966 година. По неговата смрт се објавени уште неколку дела, како: „Дневник за еден роман: Писмата за Источно од рајот“ (Journal of a Novel: The east of Eden Letters) од 1969 година, „Вива Запата!“ (Viva Zapata!) од 1974 година, „Делата на кралот Артур и неговите благородни витези“ (The Acts of King Arthur and His Noble Knights) од 1976 година и „Работни денови: Дневниците за Плодовите на гневот“ (Working Days: The Journals of The Grapes of Wrath) од 1989 година.[13]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.