From Wikipedia, the free encyclopedia
Џозеф Конрад (англиски: Joseph Conrad), роден: Јузеф Теодор Конрад Кожењовски (полски: Józef Teodor Konrad Korzeniowski;[1] 3 декември 1857 – 3 август 1924 ) — англиски писател со полско потекло, кој пишувал и објавувал на англиски јазик по неговото доселување во Англија.
Џозеф Конрад Joseph Conrad | |
---|---|
Конрад во 1904 г. | |
Роден/а | Јозеф Теодор Конрад Коржењовски 3 декември 1857 Бердичев, Киевски Гувернат, Руска Империја |
Починат/а | 3 август 1924 66) Бишопсборн, Англија | (возр.
Почивалиште | Гробишта во Кантербери |
Занимање | писател |
Јазик | англиски |
Период | 1895–1923 |
Жанр | психолошки реализам, модернизам |
Значајни дела | Будалштината на Алмајер (1895) Изгнаникот на островите (1896) "Лагуна" (1896) "Населба на напредокот" (1896) Црнецот од „Нарцис“ (1897) "Младина" (1898) Срце на темнината (1899) Лорд Џим (1900) "Еми Фостер" (1901) Тајфун (1902) Крајот на синџирот (1902) Ностромо (1904) Тајниот агент (1907) "Двобој" (1908) "Тајниот учесник" (1909) Под западни очи (1911) Победа (1915) |
Сопруг/а | Џеси Џорџ |
Деца | Борис, Џон |
Потпис |
Џозеф Конрад е роден на 3 декември 1857 година во Бердичев, денес во Украина, а тогаш дел од Кралството Полска. Тој бил единствено дете на Аполо Коржењовски и Ева Бобровска. Неговиот татко бил писател, преведувач и политички активист. Регионот каде растел Конрад бил населен со Украинци, но власта ја држела полската благородничка класа, во која припаѓал и Конрад и неговото семејство. Полската книжевност, особено родољубивата книжевност, се воздигнувала на висок степен од локалното полско население.[2]
Поради политичкиот ангажман и земјоделството, семејството на Конрад се преселувале на неколку наврати. Во мај 1861 година, тие се преселиле во Варшава, каде Аполо се приклучил во полското движење за отпор на Руското Царство. Тоа довело до негово апсење,[белешка 1] но казната затвор била заменета со испраќање на семејството во Чернигов, во северна Украина, каде условите биле подобри. На 18 април 1865 година, Ева починала од туберкулоза.[1]:19-25 Аполо дал сè од себе да го школува Конрад. Уште од рани години Конрад се запознал со пишаниот збор, а особено два момента биле значајни и влијателни во неговиот подоцнежен живот: „Морски работници“ од Виктор Иго и делата на Вилијам Шекспир, кои го вовеле во англиската книжевност. Сепак тој најмногу читал полска книжевност, односно полска романтична поезија.[1]:27
По напуштањето на Полска во 1874 година, Конрад започнал кариера во трговската морнарица. По скоро четири години поминати во Франција и на француски бродови, тој се приклучил на британската трговска морнарица и таму служел наредните петнаесет години. Тој работел на различни бродови, вршејќи повеќе функции за да на крај стане капетан. Од неговите 19 години служба во трговската морнарица, само во текот на 9-10 години бил на море. Голем број од ликовите и настаните опишани во неговите дела се инспирирани од настани и личности од неговиот професионален (морнарички) живот.
Конрад првпат пристигнал во Англија во 1878 година,[3] а се стенкал со британско државјанство во 1886 година, иако постојано се сметал себеси за Полјак.[белешка 2]
Конрад умрел на 3 август 1924 година, најверојатно од срцев удар. Тој бил закопан на гробиштата во Кантербери во Англија, и на неговата надгробна плоча било испишано неговото родно полско име, но со три грешки, односно Joseph Teador Conrad Korzeniowski[1]:573 наместо Jozef Teodor Konrad Korzeniowski. На неговата надгробна плоча биле испишани редови од „Кралицата на феите“ од Едмунд Спенсер, кој самиот Конрад ги избрал за епиграф за неговиот последен роман „Скитник“:
Sleep after toyle, port after stormie seas,
Ease after warre, death after life, doth greatly please [1]:574
Првото дело кое го прославило Конрад е романот Црнецот од „Нарцис“. Ова дело, заедно со „Младост“, „Срцето на темнината“ и „Тајфун“ претставуваат епизоди од еден епски циклус за херојските подвизи и за издржливоста. Во овие дела, КОнрад го слика животот на морнарите во целокупната негова големина, тешкотија и беда. Притоа, во „Црнецот од Нарцис“ и во „Тајфун“, човекот е прикажан во борбата со природата и со судбината во која тој најпосле излегува како победник. Всушност, во повеќето негови дела, тежиштето е ставено врз судирот со непријателските елементи и сили кои се надвор од човековата моќ, додека во „Срцето на темнината“, „Случај“ и „Победа“, демонската сила се наоѓа во самиот човек.[4]
Конрад се смета за еден од најголемите романописци на англиски јазик,[5] иако не го зборувал јазикот течно до неговите дваесетти години. Тој пишувал кратки раскази и романи, најчесто поврзано со морепловството. Тој бил прозен гениј кој вовел забележлив неанглиски[белешка 3] трагичен сензибилитет во англиската книжевност.[6]
Тој е единствена личност и творец на модернизмот во англиската книжевност. Иако е реалист, тој е истовремено и голем романтичар, но неговиот романтизам е подлабок и повистинит од сентименталниот романтизам од 19 век. Неговите раскази за далечните земји, за авантурите и хероизмот во непознатите, диви краишта и за далечните, малку познати типови луѓе, се појавиле во времето кога постоел голем интерес за патувањата, за истражувачките походи и за животот во Африка и во Азија. Во тие околности, Конрадовите дела, иако не претставувале новина, се истакнувале со својата необичност. Неговите раскази за животот на море и за морнарите се автентични бидејќи, како што вели самиот, тие се „плодови на животот — на мојот живот“. Како љубопитен, но затворен мислител, издвоен од останатиот свет, Конрад имал необична способност за набљудување и изедначување со личностите кои го интересирале и така ги толкувал игрите и судирите на луѓето и нивните побуди. Благодарение на својата речиси морбидно чувствителна совест, тој можел да ги насети човечките побуди и чувства кои на прв поглед се незабележливи. Неговиот книжевен метод е често импресионистички: тој ги бележи првите, инстинктивни реакции и дејствието врз нашите сетила, и тоа штом кај читателот предизвика впечаток дека се наоѓа во средиштето на настаните за кои пишува тој. Богатото и разновидното книжевно дело на Конрад почива врз неговата верба во човекот и во неговата духовна сила. Неговото префинето чувство за достоинство, одговорност и правичност и истакнувањето на храброста, издржливоста и верноста како најголеми вредности во односите меѓу луѓето претставуваат темелни одлики на неговото творештво. Современат акнижевна критика повеќе ги цени политичките елементи во неговите романи, како и употребата на симболизмот во делата исполнети со горчина, иронија и фатализам.[7]
1895 | Будалштината на Алмајер |
1896 | Изгнаникот на островите |
1897 | Црнецот од „Нарцис“ |
1899 | Срце на темнината |
1900 | Лорд Џим |
1901 | Наследници |
1902 | Тајфун (започнат во 1899) |
1903 | Романса |
1904 | Ностромо |
1907 | Тајниот агент |
1911 | Под западни очи |
1913 | Шанса |
1915 | Победа |
1917 | Засенета линија |
1919 | Стрела од злато |
1920 | Спасување |
1923 | Природата на злото |
Скитник | |
1925 | Застој: Наполеонови роман (незавршена, посмртно објавена) |
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.