Јамиште
село во Општина Пробиштип From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Пробиштип From Wikipedia, the free encyclopedia
Јамиште — село во Општина Пробиштип, во Злетовско-пробиштипскиот регион, во околината на градот Пробиштип.
Јамиште | |
Воздушен поглед на селото Јамиште | |
Координати 42°03′28.08″N 22°17′12.12″E | |
Регион | Источен |
Општина | Пробиштип |
Област | Злетовско-пробиштипско |
Население | 6 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 2212 |
Повик. бр. | 032 |
Шифра на КО | 21016 |
Надм. вис. | 1.050 м |
Јамиште на општинската карта Атарот на Јамиште во рамките на општината | |
Јамиште на Ризницата |
Името на селото првпат се сретнува во историските документи како Јамиште во XV век (1573 г.), запишано во тогашни турски документи. Името се поврзува со зборот јама (на старословенски јамиште) што може да има две значења; првото може да означува голема дупка или пропаст, додека второто значење се поврзува со рударско окно.[2]
Селото се наоѓа на крајниот североисточен дел на територијата на Општина Пробиштип, на јужните огранки на Осоговските Планини, а чиј атар нашироко се допира со подрачјето на Општина Кратово.[3] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 1.050 метри. Од градот Пробиштип, селото е оддалечено повеќе од 20 километри[3]
Селото е збиено околу Јамишкиот Поток и се наоѓа на линија каде дабовата шума преминува во букова. Селскиот атар е изразито голем во споредба со другите селски населби во Злетовската област. Како селото, така и селскиот атар, се богати со извори, како што се: Ковачки Вир, Студен Кладенец, Арамиска Чешма, Шарена Чешма и Паински Кладенец.
Во близина на селото минува регионалниот пат 2232, од кој се двои земјениот пат кој води до селото.
Подрачјето на Јамиште е населено уште од римското и доцноримското време, за што сведочат наоѓалиштата во неговата околина.[4]
Јамиште е село кое припаѓа на групата стари населби. Имено, на врвот Рударски Чукар се сочувани урнатини од стара тврдина, бедем и фрагменти од античка керамика. На нивите околу тврдината, селаните наоѓале стари монети како што ги викат „антики“. Од овие факти секако е дека населбата постои во антиката, меѓутоа, постојното село најверојатно го основале Словените и му дале име „Јамиште“ по рударските јами, кои и денес се сретнуват во неговата околина. Траги од некогашното рударење и рудокопи има и денес, а тоа се јамите Велина Рупа и Це, а траги од топење на рудата има во месноста Дабова Глава.
Од турските пописни документи од 1573 година се документира дека во синорот на селото се наоѓал манастирот „Св. Ларина“, а одделно се забележани уште две цркви. За жал, нема запишано ништо повеќе, освен дека имаат даночна обврска од 135 акчиња. Исто така, бил регистриран и еден калуѓер од манастирот по име Петроние.
Судејки по народното предание селото запустува за време на Карпошовото востание. Населението се повлекло пред Татарите на север. По легендата го обновиле во почеток на XVIII век доселеници од Врањско, а тоа нешто дава аргументи дека населението кое избегало на север, останало десетина години во Врањско за да по амнестијата се врати на старото огниште.
На сегашното место на селото се доселиле три брата од Врањско и од нив потекнуваат родовите (Јанковци, Ковачевци и Карашовци). Другите четири рода: Парјасци, Дедо Велкови, Кутуци и Шушњарци потекнуваат од соседните села.
Атарот на селото зафаќа простор од 19,7 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 1.393 хектари, на пасиштата отпаѓаат 423 хектари, а на обработливото земјиште 132 хектари.[3]
Во основа, може да се каже дека селото има мешовита земјоделска функција.[3]
Јамиште за време на Османлиското Царство било царски хас, односно сопственост на султанот.
Обработливата површина главно се користела за производство на планинските жита: јачмен, овес и ’рж и нешто помалку за компир и граор. Овоштарството е главно застапено со сливи ― џанки и ореви.
Поради оскудност од обработлива земја, како и острата планинска клима, населението на селото е ориентирано во две стопански гранки: сточарство и ситно дрварење. Одгледувале релативно голем број на овци, кози и добиток. Ливадите, пасиштата и шумите им овозможувале добра исхрана на стоката како во летниот така и во зимскиот период (за брст и лисници). За жал, за време на Балканските војни и Првата светска војна поради многубројните реквизиции, како и продавање на стоката за да се откупи поседот, кои го обработувале селаните, сточниот фонд е намален до крајни граници. Тоа нешто се гледа оттаму што во 1931 година во селото има само 221 овца, 163 кози, 108 грла говеда и само 8 коњи и мулиња. Две децении подоцна во 1952 година бројот на овци е нараснат на 829 грла, од козите останале 49 грла, речиси за 50 насто е поголем бројот на говедата (158), како и коњите и мулињата. По наредните 20 години, односно 1971 година се намалува бројот на овци на 783, козите ќе ѓи нема воопшто, а говедата се сведени на само 68 грла.
Покрај сточарството, како е веќе речено, друга стопанска гранка е ткн. ситно дрварство, односно производство на дрвен јаглен, дрва за горење, дрвен градежен материјал, рала и други земјоделски орудија. Меѓутоа, по ослободувањето и со преземените мерки за заштита на шумите оваа дејност е доведена до узумирање. Тоа нешто, со замирањето на овие две стопански гранки, покрај невозможните комуникации, коњски патеки, со Кратово и Злетово населението е принудено да се иселува и да се вработува, главно, во рударството.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
На опширните пописни дефтери од XVI век (1573 г.) за Ќустендилскиот Санџак, гледаме дека Јамиште како населба постои и во него живеат 17 семејства и 15 неженети лица. Покрај него има и маало Горно Гребени со 28 семејства, 1 баштина, 2 вдовици и 19 неженети лица. Вкупно Јамиште и маалото имале даночни обврски од релативно значајна сума од 6.122 акчиња.
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Јамиште имало 175 жители, сите Македонци.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Јамиште имало 120 жители, сите Македонци.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[7]
Јамиште е мало село, коешто е на пат наполно да се расели. Така, тоа во 1961 година броело 203 жители, а во 1994 година само 10 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 10 жители, сите Македонци.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 175 | 120 | 239 | 259 | 203 | 156 | 46 | 19 | 10 | 10 | 6 |
Јамиште е македонско село.[13]
Според истражувањата од 1970-тите, родови во селото се:
Во селото имало основно училиште коешто се отворило непосредно по Втората светска војна. Било затворено средината на 1970-тите години поради преселувањето на населението.
Кон крајот на XIX век, Јамиште било село во Кратовската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Пробиштип, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што биле споени поранешните општини, Пробиштип и Злетово. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Злетово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Пробиштип. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Пробиштип.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Злетово, во која покрај селото Јамиште, се наоѓале и селата Бунеш, Древено, Зеленград, Злетово, Лесново, Луково, Ратавица, Трипатанци, Турско Рудари и Шталковица. Во периодот 1950-1952, селото било дел на некогашната општина Злетово, во која влегувале селата Злетово, Зеленград, Јамиште, Лесново, Луково и Ратавица.
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1567 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месната заедница на селото Зеленград.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 14 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 13 гласачи.[16]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.