Ослободување на Македонија во Втората светска војна
From Wikipedia, the free encyclopedia
Ослободувањето на Македонија во Втората светска војна, започнало скоро паралелно со окупацијата на Македонија, од страна на фашистичкиот окупатор. Борбите за слобода на Македонија својотата последна етапа ја заокружуваат со борбата на македонскиот народ од средината на 1944 година до конечното ослободување во ноември истата година. Ширум Македонија биле формирани околу 500 народно-ослободителни одбори и биле избрани 116 делегати за Првото заседание на АСНОМ како највисоко законодавно и извршно претставничко тело на македонската држава, на кое македонскиот јазик бил прогласен за службен во македонската држава и започна државниот развиток на Демократска Федерална Македонија како федеративна држава во рамките на ДФ Југославија. Тие решенија биле поддржани и од првата легална конференција на БКП за Горноџумајската област (Разлошка, Неврокопска, Светиврачка, Петричка и Горноџумајска околија), а во Егејскиот дел на Македонија биле формирани Костурско-леринскиот баталјон, Воденскиот македонски баталјон и потоа Првата егејска бригада, која зела учество во борбите за ослободување на Тетовско и Гостиварско.
Во времето на завршните операции за ослободувањето на Македонија, под командата на Главниот штаб на Народноослободителната војска на Македонија и Партизанските одреди на Македонија веќе имале околу 85.000 учесници во НОАВМ, со 7 дивизии и 3 корпуси, меѓу кои и околу 10.000 борци и заднински соработници од Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија.
По капитулацијата на Царството Бугарија, германските сили се повлекувале со големи загуби. А со ослободувањето на Гостивар и Тетово завршило целосното ослободување на Вардарска Македонија. Подоцна македонските дивизии учествувале и во ослободувањето на Косово и Јужна Србија, а Петнаесеттиот македонски корпус на НОВЈ, составен од 22.000 борци, зеде учество и во завршните операции за ослободувањето на Југославија. Македонскиот народ во Вардарска Македонија ја заврши војната со околу 25.000 загинати борци и жртви. Од нив по националност: 7.000 Евреи, 7.000 Македонци, 6.000 Срби, 4.000 Албанци и 1.000 Бугари[се бара извор] (2.000 цивилни, 1.000 колаборационисти, 14.000 југославски воjници и партизани и 7.000 логорници).