Ликовен музеј
здание или простор во кој се изложуваат уметнички дела / From Wikipedia, the free encyclopedia
Ликовен музеј (понекогаш: ликовна галерија или уметничка галерија) — музејски простор во кој се изложуваат уметнички дела, главно слики, илустрации и скулптури. Овој простор исто така може да се користи и како продажно место за уметнички дела.
Ваквиот музеј се смета за релативно нова институција; првиот ваков музеј е Лувр во Париз, основан во 1793 г., накратко по Француската револуција кога кралската ризница била прогласена за народна. Тука се гледаат почетоците на преселбата на уметничките збирки од приватниот домен на аристократијата и богатите во јавната сфера, каде што служеле за културна наобразба на масите.
Генерално, изразот уметничка галерија значи згради или места посветени на изложување и/или продажба на уметнички дела, иако големите простории во музеите каде што делата се изложуваат јавно можат исто така што се наречат галерии. На пример просторијата посветена на староегипетска уметност често се нарекува Египетска галерија.
Најголемиот дел од градовите во светот имаат вакви музеи, а поголемите градови пак, два или повеќе. Тие исто можат да се најдат и во помали гратчиња и села во прилично оддалечени краишта каде што уметниците се собирале. Примери за такви галерии се уметничката колонија во Таос, Ново Мексико и Сент Ајвс, Корнвол.
Иако нивната основна задача е да обезебдат простор за изложба на уметнички дела, уметничките галерии можат да организираат и други културни настани како концерти или поетски читања. Наспроти тоа, некои уметнички дела не се изложуваат во галерии и никогаш не би можеле да бидат заради нивниот облик. Иконостаси, на пример, ретко се изложуваат во галерии, а фреските остануваат каде што се, со ретки исклучоци. Разни облици на уметност од XX век како земјана уметност и изведбена уметност, исто така постојат вон галерии и затоа само Фотографски записи од ваквите дела се изложуваат во уметнички галерии, а не самите дела.
Нешто слично на уметничка галерија е скулптурната градина (или скулптурен парк), каде се изложуваат вајарски дела на отворено. Ваквото изложување е доста популарно денес, не само на постојани туку и на привремени скулптури направени по повод на некој настан.