Уметности
From Wikipedia, the free encyclopedia
Уметностите претставуваат многу широк опсег на човечки практики на креативно изразување, раскажување приказни и културно делување. Тие опфаќаат повеќе различни и плурални начини на размислување, правење и битисување. Тие се и високо динамични и постојана карактеристика на човечкиот живот, се развиваат во иновативни, стилизирани и понекогаш сложени форми. Ова често се постигнува преку одржливо и намерно проучување, обука и/или теоретизирање во рамките на одредена традиција, низ генерации, па дури и меѓу цивилизациите. Уметностите се средство преку кое човечките суштества негуваат различни социјални, културни и индивидуални идентитети, а пренесуваат вредности, впечатоци, судови, идеи, визии, духовни значења, модели на живот и искуства низ времето и просторот.
Истакнати примери на уметност вклучуваат:
- визуелни уметности (овде влегуваат: архитектура, керамика, цртање, снимање филмови, сликарство, фотографија и скулптура);
- литературни уметности (влегуваат: фикција, драма, поезија и проза);
- изведувачки уметности (се вбројуваат: танц, музика и театар).
Тие користат вештина и имагинација за создавање на предмети и изведби, пренесување на согледувања и искуства и изградба на нови средини и простори.
Уметноста може да се однесува на вообичаени, популарни или секојдневни практики, како и на пософистицирани, систематски или институционализирани нешта. Тие можат да бидат префинети и самостојни или да се комбинираат и испреплетуваат со други уметнички форми, како што е комбинацијата на уметничките дела со пишаниот збор во стрипот. Тие исто така можат да се развиваат или да придонесуваат од/за некој посебен аспект на покомплексна уметничка форма, како во кинематографијата. По дефиниција, самите уметности се отворени за постојано редефинирање. Практикувањето на модерната уметност, на пример, е доказ за поместувањето на границите, импровизацијата и експериментирањето, како рефлексивната природа и самокритичноста или преиспитувањето на уметноста и нејзините услови на создавање, прифаќање и можности.
Како средство за развивање на способности на погледи и чувствителност и како цели сами по себе, уметностите истовремено можат да бидат и форма на одговор на светот и начинот на кој нашите одговори и она што сметаме дека е вредна цел или стремеж се трансформираат. Од праисториските пештерски слики до антички и современи облици на ритуали до современи филмови, уметноста служи за бележење, отелотворување и зачувување на нашите постојано променливи односи едни со други и со светот.