Обединување на Германија
From Wikipedia, the free encyclopedia
Оваа статија го објаснува обединувањето во 1871 г. За обединувањето на Западна и Источна Германија прочитајте Повторно обединување на Германија.
Обединувањето на Германија во Германското Царство, национална држава доминирана од Прусија со федерални одлики, официјално се случило на 18 јануари 1871 година во Салата на огледалата во Версајскиот дворец во Франција. Принцовите на германските држави се собрале таму за да го прогласат кралот Вилхелм I од Прусија за цар на Германското Царство за време на Француско-пруската војна. За седум години, Данска, Хабсбуршката монархија и Франција биле победени. Царството го имало своето потекло, не во наплив на националистичко чувство од масите, туку преку традиционална дипломатска влада и договор од страна на водачите на државите во Северногерманскиот Сојуз, предводен од Прусија. Прусија, окупирајќи повеќе од 3/5 од територијата на Германија и приближно 3/5 од населението, останала доминантна сила во Царството до неговото пропаѓање на крајот на Првата светска војна.[1]
Конфедерално Царство на германски кнежевства постоело повеќе од илјада години, што датирало од Верденскиот договор во 843 година, во кој тогашното Каролиншко Царство било поделена на три кралства. Сепак, германскиот национален идентитет започнал да се развива дури во 1800 година, главно поради автономната природа на кнежевските држави; повеќето жители на Светото Римско Царство, надвор од оние со кои управувал царот, директно се идентификувале главно со нивниот крал, принц или кнез, а не со Царството како целина. Ова станало познато како „практика на мала - држава“. До XIX век, подобрувањата во транспортот и комуникациите ги зближиле овие мали држави и региони. Царството престанало да постои во 1806 година со абдикација на царот Франц II за време на Наполеоновите војни. И покрај правните, административните и политичките нарушувања предизвикани од распаѓањето, народот од германското говорно подрачје на старото Царство имал заедничка јазична, културна и правна традиција. Европскиот либерализам понудил интелектуална основа за обединување со предизвикување на династички и апсолутистички модели на социјална и политичка организација; нејзината германска манифестација ја нагласила важноста на традицијата, образованието и јазичното единство.
Моделот на дипломатски сфери на влијание што произлегле од Виенскиот конгрес во 1814–15 година по Наполеоновите војни ја потврдила австриската доминација во Средна Европа преку Хабсбуршкото раководство на Германскиот Сојуз, дизајниран да го замени Светото Римско Царство. Преговарачите во Виена не ја земале во предвид зголемената сила на Прусија и не успеале да предвидат дека Прусија ќе се обиде да ја предизвика Австрија за лидерство помеѓу германските народи. Овој германски дуализам претставил две решенија за проблемот на обединување: Мало германско решение (Германија без Австрија), или Големо германско решение (Германија со Австрија).
Историчарите дебатираат дали Ото фон Бизмарк - канцеларот на Прусија - имал план за проширување на Северногерманскиот Сојуз од 1866 година да ги вклучи преостанатите независни германски држави во единствена држава или едноставно да ја прошири моќта на Кралството Прусија. Тие заклучуваат дека покрај Бизмарковата „реална политика“, колекција од други фактори, како реорганизација на политичките, економските, воените и дипломатските односи во 19 век, играле значајна улога во обединувањето на германските држави во една заедничка држава. Реакцијата кон данскиот и францускиот национализам обезбедило израз на германско единство. Воените успеси - особено оние на Прусија - во три регионални војни, создало ентузијазам и гордост, што политичарите можеле да го искористат за да промовираат обединување. Со воспоставување на Германија без Австрија, политичкото и административното обединување во 1871 година барем привремено го решил проблемот со дуализмот.
Дел од темата Германија |
Рана историја |
---|
Германи |
Создавање на нацијата |
Рајнски Сојуз |
Империјализам |
Германско Царство |
Период по 1945 |
Окупација |
Германија |
Портал:Германија |