Магнус Карлсен
норвешки шахист / From Wikipedia, the free encyclopedia
Магнус Карлсен, роден Свен Магнус Јен Карлсен (норвешки: Sven Magnus Øen Carlsen; роден на 30 ноември 1990) — норвешки шаховски велемајстор, моментен светски првак во шах и најдобро рангиран шахист во светот со рејтинг од 2877 бода.
Магнус Карлсен | |
---|---|
Целосно име | Свен Магнус Јен Карлсен |
Земја | Норвешка |
Роден | 30 ноември 1990
Тенсберг, Норвешка |
Титула | велемајстор |
Светски првак | 2013 - сè уште |
ФИДЕ-рејтинг | 2877 (бр. 1 на рејтинг-списокот на ФИДЕ во јули 2014) |
Најв. рејтинг | 2872 (февруари-април 2013) |
На 26 април 2004, Карлсен станал велемајстор на 13 години и 148 дена, со што стана третиот најмлад шахист кој го постигнал тоа. Неговиот оценет рејтинг на шаховскиот турнир во Нанкин во септември и октомври 2009, којшто изнесувал 3002 бода е еден од најголемите во историјата, а неговата победа на турнирот беше окарактеризирана како една од најубедливите. Со ова достигнување, на ранг листата според ФИДЕ за месец ноември, тој станал петтиот шахист, а воедно и најмладиот кој ја надминал границата од 2800 бода, заземајќи го второто место на листата со 2801 бод. Истата година, тој станал најмладиот светски првак во брзопотезен шах. На 1 јануари 2010, на новообјавената ранг листа според ФИДЕ, на возраст од 19 години и 32 дена, Магнус станал најмладиот шахист, кој бил светски број еден според ФИДЕ, со рејтинг од 2810 бода.[1] Во јануари 2013 година, тој достигнал рејтинг од 2861 бод, соборувајќи го дотогашниот рекорд на Гари Каспаров од 2851 бод. Од февруари до април 2013 година, неговиот рејтинг изнесувал рекордни 2872 бода. Во ноември 2013, Карлсен го совладал бранителот на титулата Ананд со резултат 6½-3½ во меч за светски првак којшто се одиграл во Ченај и со тоа станал 16. неоспорен светски првак во шах.
Во својата рана кариера, Карлсен бил познат по својот напаѓачки стил на игра, но подоцна се разсвил во поуниверзален шахист. Тој не е фокусиран премногу на подготовката во фазата на отворањето како што тоа го прават другите шахисти и располага со разновидност на отворања, што им ја отежнува работата на неговите противници да се подготват против неговиот избор во почетната фаза од партијата. Благодарение на неговата позициска совршеност и вештина во завршницата, тој често е споредуван со поранешните светски прваци: Анатолиј Карпов, Хосе Раул Капабланка и Василиј Смислов.